Финансиски аспект на коронакризата во Македонија

Финансиски аспект на коронакризата во Македонија

Автор: Ивона Стојчевска, студент на мастер студии финансово право при Правен факултет ,,Јустинијан Први”

Во периодот од 1970 до 2011 год. во светот, според статистиката на ММФ (Меѓународен Монетарен фонд) и Банката за меѓународни порамнувања, се регистрирани 430 финансиски кризи. Најпогодени од сите овие кризи и најчести жртви се развиените економски земји.

Република Северна Македонија, за жал, не може да се пофали со напредна транзициска економија а моментално од најголемо негативно влијание се и нејзините економски комуникации со глобално распространетите земји. Не можеме веќе да се потпреме на Италија како една од поголемите трговски партнери а и далечната Кина не ни носи позитивно влијание поради сечењето на ланецот на добавувања на стоки и услуги (како што е на пример кинеската мултинационална компанија Huawei Technologies и застапноста на Huawei смартфоните во Македонија).

Точно е дека се наоѓаме во една од најголемите економски кризи. Кои економски мерки ги презема нашата држава во оваа ситуација? 14.500 денари по вработен како финансиска поддршка. Многумина граѓани се жалат дека ова не е доволно за покривање на трошоците со кои се моментално засегнати. Финансиска поддршка од ММФ во износ од 176 милиони евра. 70% намалување на ратите на кредити од финансиски друштва и лизинг компании. Ослободување на аконтации за данок на добивка и данок на личен доход кои според Закон за данок на добивка и Закон за данок на личен доход чиишто даночни стапки изнесуваат 10% и кадешто, според мое мислење, е една од подобрите мерки со цел заштита на граѓаните и вработените во услужните дејности, кои секаде во светот се застапени и во голем процент влијателни врз светската економија.

Каков ќе биде економскиот растеж во Р.С.Македонија по оваа криза? Еден од факторите кој има влијание врз економскиот растеж е доходната нееднаквост. Истата создава плодна почва за погрешна алокација на ресурсите, изгубена доверба во институциите, статус побогато-посиромашно население.. Ова го оправдува бунтот на граѓаните за мерката 14.500 денари по вработен, донесена од страна на Министерството за финансии. Побогатата страна на населението можеби не е длабоко засегната од оваа корона криза, но посиромашната за жал, е. Треба да се поработи малку повеќе на доведување некој вид на рамнотежа кој, доколку се покаже како успешен, ќе се применува и во иднина.

Според некои статистики, добар дел од македонските политики се правилно поставени во насока на ублажување на големата доходна нееднаквост. Отварањето на нови работни места е вистинскиот начин да се зголемат доходите на посиромашните слоеви. Моменталната ситуација со COVID-19 ни покажува дека новите работни места кои треба да придонесат за економскиот растеж се се помалку на број. Многу граѓани остануваат без работа и со помала материјална благосостојба што доведува до зголемување на доходната нееднаквост. Во најголем дефицит се услужните дејности, како нивните споственици така и нивните вработени. Ова не е случај само во нашата земја, напротив, ова е глобален проблем. Гигантските услужни дејности како што се на пример, Старбакс и Мекдоналдс, можеби нема да имаат големи трошоци и некако ќе ја пребродат финансиската криза, но што е со македонските мали и помалку познати кафе барови и ресторани? Многу од нив ги имаат изградено своите бизниси преку коруптивен пристап до јавни набавки. За жал, македонската младина пред себе има сосема малку бизнис лидери со кои може да се идентификува. Малкумина од вработените би имале храброст да започнат сопствен бизнис а со оглед на моменталната состојба, малкумина од нив би имале ресурси со кои би започнале споствен бизнис.

Останува прашањето: Дали оваа криза ќе биде успешно надмината како и останатите до сега или сепак ќе дојдеме до заклучок дека не сме подготвени за одржување на економска рамнотежа и намалена доходна нееднаквост? Времето ќе покаже.

Leave a Reply