ЖРТВИТЕ – БЕЗГЛАСНИ БУКВИ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ СИСТЕМ

ЖРТВИТЕ – БЕЗГЛАСНИ БУКВИ НА ОПШТЕСТВЕНИОТ СИСТЕМ

Автор: Ивана Балтовска, студент на мастер студии казнено право при Правен факултет ,,Јустинијан Први”

„Го откривам сторителот кога точно ќе ја идентификувам жртвата.” – кажал Георг Симон, познат белгиски криминолог. И покрај тоа, се чини дека жртвата честопати е изоставена од целиот процес на прогон. Заборавени жртви, кои  постојат, како сенка, како честички кои летаат низ просторот само за да го пополнат.  Нештата секогаш се гледаат од двете страни- еквивокално, бидејќи едната страна без другата, сама по себе не значи ништо – затоа и не треба да се набљудува само сторителот. Токму поради тоа, акцентот треба да биде поставен и врз жртвата.

 Жртвата, иако ни изгледа како далечен поим, сепак е поблиску до нас отколку што мислиме. Секое лице, вклучувајќи нѐ и сите нас е изложено на поголема или помала веројатност дека ќе стане жртва на кривично дело. Оваа веројатност се изразува преку ризикот на виктимизација или виктимолошка опасност. Но, ризикот на виктимизација е нееднакво распореден кај одделни лица, така што некои се поподложни на виктимизација отколку други. Тоа се изразува преку виктимогени предиспозиции – оние посебни особини што прават некое лице или група на луѓе кои ги имаат истите црти или особини постојано или повремено да бидат поизложени да станат жртви на одреден тип на криминалитет. Според едно истражување на FBI, лица кои имаат поголем ризик од виктимизација се децата, стари и изнемоштени лица, лица кои работат ризични професии и младите луѓе. Лицата кои поседуваат една или повеќе виктимогени предиспозиции се нарекуваат латентни или предодредени жртви. Токму тука е полето на кое треба да делува виктимопрофилаксата како дисциплина. Виктимопрофилаксата претставува еден вид на превенција, чија цел е да ги открие виктимогените предиспозиции, да ги намали и да ги разработи мерките со кои што ќе ги штитат потенцијалните и непосредно загрозените жртви, во функција на намалувањето на виктимизацијата или нејзиното одржување на исто или барем на подносливо ниво.  Виктимопрофилаксата се конкретизира во праксата преку соодветни мерки и најчесто треба да ја извршува полицијата, иако сме свесни дека нашата полиција не е баш ажурна на тоа поле. На тој начин, би можеле да се утврдат потенцијалните жртви и ним да им се предочат можните опасности, истите да се посоветуваат и да им се објасни што точно претставува ризикот од виктимизација или виктимолошка опасност, со што би се одбегнала примарна, а и понатамошна виктимизација на жртвата.

Кривичното дело е сторено, но – честопати истото не е пријавено. Сте се запрашале ли колкава е темната бројка, односно разликата помеѓу вистинскиот криминалитет и оној што бил пријавен? Огромна – токму поради стравот и срамот од пријавување кај жртвата. Самите жртви се плашат покрај примарната, да поминуваат низ секундарна виктимизација  ( виктимизирање од институциите) и терцијарна виктимизација( виктимизација од општеството воопшто). Проблемот со секундарната виктимизација е чест, особено со жртвите на силувањето и семејното насилство, кадешто органите на прогон наместо да ги гонат сторителите, се чини дека ги гонат самите жртви, кажувајќи им реченици од типот- „Сама си го бараше, тоа ти треба затоа што се однесуваш така итн.” Самите сме сведоци на скорешната вест која одекна по сите социјални мрежи и медиуми, веста за претепаното деветнаесетгодишно девојче од страна на двајца возрасни „мажи”. Насилниците беа привидени, а на девојчето и беше понудена психолошка помош и поддршка. Што потоа?

Честопати си го поставуваме прашањето: Дали со казнувањето на сторителот се остварени правата на жртвата, или е потребно нешто повеќе? Дали жртвата е доволно заштитена и безбедна? Дали реално и е надоместено сето она што таа го претрпела? Дали жртвата нешто добива кога сторителот на кривичното дело го испраќаме во затвор, или таа е само една обична алка во маѓепсаниот судски систем која служи за да се постигне целта – да се задоволи правдата? Едно е сигурно – само со казнувањето на сторителот не се, ниту смеат да се исцрпат обврските на државата кон жртвата. Бидејќи jus puniendi, односно правото на казнување на државата, не е доволно. 

Уставот на РМ во ниту една одредба изрично не ја спомнува жртвата на кривичното дело. Тоа го прави на посреден начин, пропишувајќи права кои му припаѓаат на човекот какона потенцијална жртва.Ги истакнува правото на живот, заштитата на физичкиот и моралниот интегритет, правото на слобода и сигурност. Можеме да се угледаме на „Декларацијата за основните принципи на правдата во врска со жртвите на криминалот и на злоупотребата на власта”, усвоена во 1985 година во САД, таканаречена-  „Magna Charta of the victim”. Во неа се предвидени минималните права кои жртвата ги има, како на пример правото на правда и коректен третман, надомест на штета т.е реституција или компензација, соодветна помош, помош во процесот на опоравување, правна помош, право на информирање за фактите кои се однесуваат на нивниот случај, право на заштитни и превентивни мерки, право на признавање и поддршка од националната и меѓународната заедница. Она што го добива нашата жртва, во РСМ,  најчесто е само оштета и психолошка поддршка. Но, дали е тоа доволно за да ја поправиме минатата состојба или сепак не е можно restitution in integrum?

Заклучокот е дека, трагајќи и трчајќи по идеалната состојба- го занемаруваме она што е суштинско- самата жртва. Ѝ фрламе некои трошки пред прагот, очекувајќи  да се задоволи и да продолжи напред. Колку да го симнеме огромниот товар од грбот, кој државата е должна да го носи при секое сторување на криминален чин. За на крајот, да ја искористиме како алатка за достигнување на целта – наводно задоволување на правдата и остварување на Хегеловата ретрибутивна теорија- целта на казната е само одмаздата. Но, зарем со одмаздата постигнуваме нешто, освен што жртвата и понатаму останува без сатисфакција?

Leave a Reply