Не молчи, пријави говор на омраза!

Не молчи, пријави говор на омраза!

Автор: Ангела Анѓеловска, студент на мастер студии по казнено право при Правен факултет ,, Јустинијан Први”

Oд неодамна сме сведоци на зголемениот број на случаи на заразени од КОВИД -19, но мене уште повеќе ме загрижува и појавата на зголемен број на ,,заразени” случаи од ширење на говор на омраза.

Говорот на омраза, пред сè, е општествен и културен проблем, чиешто правно уредување е отежнато со комплексноста на определувањето на неговиот поим и секогаш е на тенка границата меѓу слободата на изразување како основно човеково право и темелна демократска вредност на современото општество, и говорот на омраза како негативна појава, која треба да биде инкриминирана под легислативата на казненото право.

Се уште не постои унифицирана дефиниција за тоа што претставува говор на омраза, при дефинирање на овој поим се зема дефиницијата од  Препораката бр.Р(97)2 на Комитетот на министри на Советот на Европа за говорот на омраза од 1997 година, говорот на омраза е дефинириран на следниот начин: „сите облици на изразување што шират, поттикнуваат или оправдуваат расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или останати облици на омраза заснована врз нетолеранција, вклучувајќи и нетолерантност изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација или непријателство против малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло.”

Ширење на говор на омраза во Република Северна Македонија е кривично дело, инкриминирано во член 394-г, спаѓа во кривични дела против јавниот ред и гласи:

Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем

(1) Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање.

Но и покрај тоа што, ваквото поведение е инкриминирано во Кривичниот законик, тоа не ги одвраќа престапниците од извршување на оваа кривично дело.

Тоа го докажува и фактот што социјалните медуими изминатите неколку месеци беа преплавени од содржини со говор на омраза. Доколку ја погледнеме статистика на пријавени случаи од web страната www.govornaomraza.mk, може да забележиме дека во месец мај 2020 година се пристигнати најголем број на пријави за говор на омраза, а најголемиот број на случаи се поради етничка припадност.

Исто така интересен податок е тоа што сите пријави на говор на омраза поради здравствена состојба се од последните неколку месеци, односно откако започна пандемијата од КОВИД – 19.

Како да се справиме со ширење на говор на омраза на интернет?

  • Едукација- постојана едукација за индикаторите на говор на омраза, особено нацочена кон помладите генерации кои често се јавуваат и како креатори на содржини со говор на омраза
  • Спроведување на кампањи против говор на омраза- спроведување на кампањи со едукативни содржини, едукативни видеа, флаери, со што ќе се подигне свеста за овој проблем
  • Посуштинска регулација на интернет- Република Северна Македонија е во групата држави, каде што не постои определена правна рамка за отстранување на одредени содржини на интернет
  • Охрабрување на жртвите да пријават говор на омраза- Многу од жртвите не знаат каде и како да пријават говор на омраза, затоа е многу битна информираноста на граѓаните со цел идна превенција  и зголемена видливост на случаите

Може да заклучиме дека деновиве се бориме против две пандемии едната е КОВИД -19, додека другата е говор на омраза. Периодов жртвите на говор на омраза се соочуваат со дополнителен товар и затоа е од исклучителна важност во оваа битка против говорот на омраза да се вклучиме сите. Секогаш кога ќе препознаете говор на омраза пријавете на www.govornaomraza.mk или http://redbutton.mvr.gov.mk/prijavi.aspx  или на следнава email адреса: cybercrime@moi.gov.mk

Не молчи, пријави говор на омраза!

Leave a Reply