Интервју со Маја Вељанова, алумни член на ЕЛСА

Интервју со Маја Вељанова, алумни член на ЕЛСА

1. Маја здраво. Чуден беше по многу основи развојот на деновитево изминативе два месеци. Веруваме дека добро се снаоѓаш со настанатата ситуација и вонредната состојба ширум Светот поради вирусната пандемија позната како COVID-19. Како си?

  • Благодарам премногу на прашањето, јас се чувствувам одлично. Вируси секогаш имало и верувам дека ќе има, но секогаш треба да бидеме свесни дека треба да се соочиме со предизвиците и да наоѓаме соодветни решенија. Секогаш кога се случуваат лоши работи треба да ги увидиме и позитивните страни на целокупната ситуација. Како една позитивна работа која можам да ја издвојам од изминатиот период е поминатото време со семејството кое навистина ми ја стопли душата. Некако сите сме навикнати на некое темпо на брз живот и се помалку време поминуваме со блиските и си посветуваме внимание сами на себе. Голем број на работодавачи се соочија со предизвикот – дигитализација на своето работење. Јас повеќе од два месеца работам од дома и многу добро функционираме со моите колеги, иако морам да признаам дека ми недостасува да ги видам во живо 😊.

2. Помладите студенти немаат одредени познавања за твоите студентски активности и достигнувања, како и фактот дека беше Претседател на ЕЛСА за време на вториот циклус од твоето студирање на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Дали можеш да им се претставиш на помладите колеги?

  • Мојата историја во ЕЛСА започна уште од првите почетоци на моето студирање на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Дознав за ЕЛСА преку промоцијата на Фрешерс кампот која што ја правеа Елсашки ентузијасти во аулата на факултетот. Навистина познавав само мал број од новозапишаните студентии имав преголема желба во мене да стекнам што повеќе нови пријателства и да се вклучам во што повеќе активности. Многу добро се сеќавам дека веднаш се запишав на листата на заинтересирани за Фрешерс кампот и бев единствената што беше присутна од прва година од правни студии. Бевме во Планинарскиот дома Караџица и нема да ги заборавам сите научни предавања и интересни друштвени игри. Нема да заборавам дека учев Историја на право… Какви времиња 😊 . Кога ги гледав членовите на Управниот и Надзорниот одбор на ЕЛСА посакував да бидам и јас дел од „потесното семејство“ на ЕЛСА и да придонесам за развојот на организацијата. Така решив активно да се вклучам и станав потпретседател за СТЕП. Потоа се кандидирав за претседател и две години имав чест да бидам на таа позиција. Не сакам да бидам погрешно сфатена, но позицијата не зборува многу за тоа кој колку вложува во организацијата. Во ЕЛСА секогаш имаше, а верувам и дека се уште има „слух“ за идеи, за критики, за долгорочни и краткорочни планови и секако начини на реализација. ЕЛСА е нешто што останува секогаш како дел од секој од нас, љубов и припадност кон едно прекрасно разновидно интелектуално семејство.

3. Зошто запиша и почна со студирање нa правни науки?

  • Би било крајно неискрено доколку кажам дека тоа ми било сонот отсекогаш. На 18 години немав некој цврст став дека сакам да бидам правник. Отсекогаш бев повеќе кон природно-математичките предмети и ми беа поголем предизвик. До последен момент не знаев дали да се запишам на ФИНКИ или Правен. Ми текнува дека бев на одмор и дека мојата постара сестра ми се јави каде да ги поднесе документите за упис, така што изборот беше направен во последен момент и се запишав на Правен факултет… На почетокот морам да признаам дека потешко ми беше да учам Вовед во право, отколку Економика… После толку време сфаќам зошто тоа било така… Едноставно правото го креираат луѓето и е предмет на промена согласно тековните случувања и потреби во општеството, додека пак во природните науки има и природни закони кои што не може да се променат и се непроменливи факти.

4. Некои исклучително големи во мисла и мудри во разум личности, знаат да кажат дека тоа што некој созреал пред другите е негов проблем, затоа што отворил хоризонти кои другите не можат да ги конципираат како остварлива реалност. Објасни ни ја твојата реалност од моментот на магистрирање до денешен ден. Каков беше твојот пат на професионално созревање и превземање на работните обврски со кои денес се соочуваш како експерт во областа на правото?

  • Секоја крилатица е гледиште на некоја индивидуа и зад тоа постојат низа на факти и искуство што допринело за таков заклучок. Колку умови, толку различни размислувања и гледишта на една иста работа. Јас отсекогаш сакав да бидам вклучена и во практичниот дел. Нема никогаш да заборавам што ни кажуваше проф. Јадранка Дабовиќ: „Ние сме тука да ве научиме како треба да биде за подоцна да можете да увидите како не треба да биде тоа што се случува во пракса“. Сепак, јас бев вклучена и во практичниот аспект уште од втора година на факултет. Одев на пракса во Основниот Суд Скопје 2 Скопје, Шпаркасе банка АД Скопје и извршителска канцеларија на Весна Деловска. Мојот прв сериозен практичен ангажман беше за време на приправничкиот стаж во адвокатското друштво Поленак, каде што можам најискрено на кажам дека ги поставив темелите на тоа што сум денес. Во текот на приправничкиот стаж учествував на натпревар што беше организиран од страна на Ернст и Јанг, друштвото каде што работам во моментов. Така се отвори можноста да станам дел од меѓународната мрежа на EY, еден од најпознатите работодавачи на светско ниво.

5. Според твое размислување, кои карактерни особини треба да ги развиваат студентите по право за да се изградат како добри профили на личности, со цел да можат со добар карактерен профил, добро да го применуваат знаењето кое ќе го стекнат за време на нивните студии?

  • Карактерни особини што сметам дека треба да ги има секој од нас (не само правниците) е желба за учење на нови нешта, професионален пристап кон работата и темелно навлегување во она што го работите. Она што е многу важно и треба да го знаат сите студенти е фактот дека не треба да сметате дека е доволно нивото на знаење што сте го стекнале во текот на студиите. Јас бев студент на генерација, но немаше ниту една сесија кога ги имав положено сите испити во прв рок. Во секоја сесија имав оставено по еден/два предмети за казнена сесија или за септемвриска сесија. Причината за таквиот начин на полагање беше фактот што навистина сакав да имам познавање од материјата, а не само селективно учење на одредени делови од целокупниот материјал само за да го положам испитот.

6. Дали те изненадува позитивно фактот дека се уште има исклучоци од генерализираните правила дека младите правници кои ги привршуваат своите студии не можат да стартуваат добро на пазарот на трудот? Бидејќи и самата докажуваш дека вработувањето во една од четирите најголемиревизорски и водечки друштва на светско ниво, е сериозен аргумент кој треба да се зема во предвид од страна на добро поткованите со знаење студенти и нивното соочување со глобалниот пазар на труд.

  • Според мене фактот што младите правници не можат да стартуваат добро на пазарот на трудот по завршување на студиите е лична одговорност на секој од тие студенти. Откако ги завршив студиите, односно дипломирав и магистрирав, останав во контакт со голем број на професори и асистенти од Правниот факултет. Често знам да прашам за новите студенти и фактот дека поновите генерации седалеку помалку заинтересирани за да вложат време во стекнување на знаење, кое резултира со потешко наоѓање на работа на пазарот. Кога ја поднесов мојата апликација за приправник во Адвокатско друштво Поленак, нас не поканија на разговор и имаше тест со многубројни теоретски прашања што треба секој од нас да ги знае откако ќе дипломира. Се сеќавам на последните денови во Поленак кога имаше апликации на студенти и кога зборувавме дека резултатите на новите апликанти се фрапантни во споредба со она знаење кое што сме го покажувале ние и генерациите пред нас. Мораме да бидеме реални сами кон себе и да не очекуваме повеќе од она што го вложуваме!Се надевам дека оваа критика секој од новите студенти ќе ја сфати во позитивна насока и ќе биде мотивација за понатамошни промени што ќе вродат зрели интелектуални плодови. Секоја чест на исклучоците кои со своите успеси и брз напредок самите доаѓаат до заклучок декатоашто го инвестирале во себе навистина вредело.

7. Дали остварениот просек за време на твоите студии во прв и втор циклус ти помага/одмага во работата која денес ја работиш? Дали треба да трошат енергија студентите во насока „да билдаат“ просек, или пак сметаш дека знаењето не може да се измере со просек, имајќи предвид дека просекот сериозно може да го потхрани егото и суетата кај одредени карактерни профили на личности кои не се подготвени да се носат со товарот на остварениот просек, а притоа имале среќа да не им се поремети нормалниот тек на студирање?

  • Просек.. Интересно прашање што морам да бидам искрена ми го имаат поставено многумина. Воопшто не треба да го гледате просекот како „клуч“ за влез во одредена фирма/адвокатско друштво/институција, туку само како еден доказ дека сте биле посветен во текот на студиите и дека сте вложиле напор да им докажете на професорите дека вашето знаење во тој даден момент заслужува да биде наградено на тој начин. Сепак, нешто на што треба навистина да се посветите е личните вештини. Секогаш треба да имате на ум дека личноста што ќе ви го прави интервјуто за работа, има доволно искуство за да направи проценка дали сте профил на човек што е за нивната компанија или не. Она што е можеби најважно во текот на барањето наработа е да имате вештина да се „продадете самите себе“, а за да можете да го направите тоа не ви е потребен просек. Најискрено ќе ви кажам, партнерот во фирмата каде што работам не е Македонец и не знаеше колку ми бил мене висок просекот во текот на студиите, туку процени дека јас сум профил на човек што би се вклопил во таа средина. Познавам многу студенти со висок просек што не можеле лесно да се снајдат на пазарот на трудот… Не велам дека просекот не е воопшто важен затоа што сепак тоа е доказ колку знаење сте покажале дека имате во тој даден момент, но од клучно знаење е да го имате знаењето и вештините на долг рок, да покажете дека припаѓате некаде каде што сакате да работите.

8. Велат убавиот збор железни врати отвара, но често е предмет на потценување од тие што не можат да се изразуваат благоприемчиво. Од твоето досегашно искуство, колку е важен убавиот збор и користењето на солиден вокабулар, како трајна вредност и инвестиција која можат да ја развијат студентите и младите правници?

  • Во текот на студиите стекнуваме вокабулар што треба да го имаат сите правници што навистина се запознале со материјата што ја учат и почнале да негуваат користење на одредени латинизми во текот на секојдневното говорење. Јас и ден-денес помнам многу латински крилатици и зборови, но не ги користам во секојдневното говорење со луѓе и клиенти. Интересно е што колку повеќе искуство стекнувам, се повеќе сфаќам дека сум имала погрешни размислувања за одредени работи како на пример за користење на латински и стручни зборови што ги имам научено. Во почетокот користев само стручни зборови и тоа доведуваше до ситуации кога примателот на пораката не може да го сфати значењето на суштината. Стручниот вокабулар ќе биде сфатен само од соговорник кој е правник, па затоа во пракса ќе се соочите со ситуации кога ќе треба во најпластична и едноставна форма да ги објаснување работите. Од суштинско значење е да го имате стручниот вокабулар, но ќе треба да направите проценка во кој круг на соговорници ќе го применувате во секојдневието…Како што многумина кажале, се во свое време, па така искуството ќе ви го покаже правиот начин на кој што треба да се однесувате и самите ќе го моделирате стилот на говорење.

9. Кога би можела нешто да измениш, за време на твоето студирање, што би било тоа?

  • Во текот на животот сфатив дека не треба да сакаме да промениме нешто во минатото затоа што минатото не има научено на многу работи што допринеле да бидеме тоа што сме денес. Животните лекции не учат на многу работи и влијаат на нашето созревање од секој аспект и во сите сфери на животот.Третиот закон на Њутн не учи на една интересна и вистинита работа, дека за секоја акција има одредена реакција, па така секоја животна случка имала придонес во нашиот карактер и секоја следна ќе влијае на понатамошни промени. Затоа, сметам дека не треба да менуваме ништо во минатото затоа што тоа е многу апстрактно и не може да биде променето, туку треба да се фокусираме на она што можеме да го менуваме, а тоа е иднината и да се стремиме да бидеме многу подобри од она што сме биле.

10. Каква порака би им упатила на сегашните и идните генерации на студенти? Кои вредности се важни за тебе како личност и правник во животот?

  • Како што напоменав во еден од одговорите на прашањата погоре, сметам дека од клучно значење за било која професија е степенот на знаење, професионалноста и темелноста во работењето. Само на тој начин ќе можеме да бидеме достојни да покажеме високо ниво на одговорност што треба да го имаме кон работата. Никогаш не треба да се задоволуваме со знаењето што го имаме во моментот, затоа што тоа е многу променлива категорија. Јас одговорно тврдам дека не постои човек на светот што постигнал перфектност во одредена сфера и научил 100% од она што треба да го знае. Живееме во време на постојани промени, нови пронајдоци и неоткриени сфери што го отежнуваат патот до постигнување на перфекционизам. И тоа не е лошо, туку треба да ни биде предизвник на сите и да не мотивира да стекнеме повеќе знаење од она што сме го имале претходно. Не престанувајте секојдневно да учите, информацијата што сте ја прочитале вчера, можеби денеска претрпела некаква промена.

Leave a Reply