Разговор со Мирослав Драганов на тема – Инвестицијата во себе е најквалитетната инвестицијата која може да ја направите во вашиот живот.

Разговор со Мирослав Драганов на тема – Инвестицијата во себе е најквалитетната инвестицијата која може да ја направите во вашиот живот.

Инвестицијата во себе е најквалитетната инвестицијата која може да ја направите во вашиот живот. Вие како студенти инвестирате минимум четири години од Вашиот живот, зошто да не ја искористите оваа можност максимално? Но дали сè се сведува на просекот и забораваме на некои поважни животни лекции, принципи и стандарди кои можеби нема да ги стекнете како студенти но мора да ги поседувате како луѓе. Токму на ваквите прашања, на Наше задоволство, имате прилика да го проследите интервјуто со Мирослав Драганов.

1. Ајде да дознаеме кој е тој?

Едноставно сум млад човек кој милува со нозете да стои цврсто на земјата, а воедно со погледот и визијата да ја опфати целата Земја – нашата планета.

Откако станав самостоен секогаш го правам она што ми го бранува срцето и исполнува духот, како професионално, така и приватно. Тоа може да биде од држење говори пред челници на Организацијата на обединетите нации (ООН) и светски познати политичари, до целодневна работа во нива на планина со срп во рака жнеејќи жито; од стручно дебатирање на исто ниво со правни професионалци со над 40 години работно искуство, до целоноќно играње латино танци во различни држави со мноштво генерации и култури; од создавање прозни и поетски дела, курсеви и содржини кои ги купуваат во странство надалеку, до подавање рака тогаш кога некому му е најпотребна.

Впрочем, може да се набројува многу, но суштината не во бројот, туку во начинот на кој тоа се прави. Јас сето ова го правам во добра верба (bona fidae) и градејќи однос на искрено менторсто, а не на его и суета.  Сум видел и сум слушнал многу, но едно научив – ова е единствениот долгорочно одржлив пат применлив за секое (не)време.  

И да, знам да бидам насмеан и сериозен, а често тоа е истовремено.

2. Судејќи по Вашиот опис на кариерни достигнувања може да заклучиме дека сте личност која не мирува. Ќе ни го споделите вашето кариерно патување? И каде можеби ја гледате Вашата крајната дестинација?

Па да, точна Ви е констатацијата. Еве и овие денови седејќи постојано дома всушност воопшто не мирувам.

Вообичаено, кога почнувам да раскажувам за моето кариерно патување, соговорниците знаеле да ми реплицираат со зборовите: „Кога успеа да го работиш сето ова?“ Одговорот на овие прашања е едноставен: – Јас долги години функционирам со практикување по неколку активности во текот на целиот ден, од 7 часот наутро, па често и до полноќ. А многу пати и ги спојувам и тоа не само 3 во 1, туку 7 во 1 активност.

Па така, од средното економско правно училиште СЕУПГС „Васил Антевски Дрен“ – Скопје, каде бев првенец на генерација, продолжив на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје каде што бев меѓу најдобрите во генерацијата. Магистрирав на мастер насоката – Уставно право во 2012 година, а кон крајот на 2013 година го положив правосудниот испит (тогаш усно и писмено, а не со заокружување).

Во изминатава декада имав ангажмани на неколку места. Два семестри бев демостратор по предметот Социологија на правото, речиси три години бев дел од Адвокатското друштво „Поленак“ (најпрвин како приправник, а потоа како стручен соработник), повеќе од една година бев дел од Халк Банка АД Скопје (како Референт во Дирекцијата за наплата на ризични побарувања), вкупно пет години дел од Институтот за човекови права (првин како правен истражувач и проектен асистент, а потоа три години како извршен директор) и последнава година и официјално со целосен ангажман сум мотивациски говорник, тренер за самодоверба, комуникации и извонредност и Советник за Neethling Brain Instruments (NBI) во социјалното претпријатие Клуб за едукација, мотивација и личен развој КО-КРЕАТОРИ (каде сум еден од ко-основачите).

Низ годините исполнети со работно искуство бев и агент за инвестициски фондови и воедно дел од Агенција за финансиска писменост, а она што ми е особено драго е дека до оваа моја 32 годишна возраст, се насобраа над 16 години искуство во јавен настап, јавно говорење и во секојдневна надградба и примена на меки вештини (преку надградба и одржување тренинзи, успешни судски рочишта, состаноци за преговарање и продажба…). За сето ова сум особено благодарен на Клубот на ораторите, а и на сите меѓународни настани, натпревари и мрежи составени од млади амбициозни професионалци во кои ги поместувам границите на извонредноста (порано тоа беше Клуб Алпбах Македонија, а сега е Глобал Шејперс Скопје Хаб Скопје). Исто така, од 2019 година сум и автор на две книги.

И не сум слаб во математика (ако се обидовте да ги соберете претходно набројаните години само со едноставно собирање), туку напротив, само сакам да отсликам што е всушност разликата меѓу работно искуство кое ви го вреднува целиот свет во текот на вашиот живот (а може и од многу генерации потоа) и работен стаж, кој ќе ви го вреднува само Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кога еден ден ќе дојде време да Ви пресметаат старосна пензија. Кое би го избрале Вие?

Јас секогаш бирам работно искуство кое ми дава можност да создавам што поголема мултифункционална вредност која како благодет ќе му користи на светот денес, но особено ќе им користи на идните генерации. Не сакам мојата крајна дестинација да биде последната година од работниот век (кај нас сега таа е на 64 години старост), ниту пак просечно последната година на животниот век (кај нас сега таа е нешто малку над 70 години возраст), не се ограничувам ниту со некое определено место… Едноставно уживам создавајќи безвременски дела, а знам дека почетната дестинација ќе ми биде најмалку еднодневно мотивирање на голем број луѓе истовремено на светско ниво, во живо.  

3. Како го постигнавте тоа? Кои беа отстапувањата и истите дали може да ги наречеме жртви?

Кога на нешто во животот велите ДА, тогаш на друго велите НЕ. Економистите тоа го нарекуваат опортунитетен трошок. Не можеме да имаме сè одеднаш. Но, има една мала разлика – кога сме возрасни, самостојни во носењето одлуки и во финансиите, тогаш тоа се наши лични отстапувања, наш избор, а кога сме деца и зависни од некој друг, тогаш тоа се најчесто наметнати отстапувања. А дали тоа ќе бидат отстапувања или жртви зависи само од еден критериум: ако она што сме го избрале за сметка на она што сме се откажале, во тој момент сепак нè прави посреќни, тогаш е само отстапување, но ако изборот нè прави потажни, тогаш е веќе жртва. Кога ќе ги погледнете видеата од првата сезона на „Продолжи со насмевка“ или ќе ја прочитате книгата „На своја кожа продолжи со насмевка“ – ниво 1.0. лесно ќе заклучите и кои отстапувања и кои жртви сум ги правел во детството, а ги има многу. Еве една ќе споделам овде: на десет годишна возраст сфатив дека ќе мора да се откажам од сите училишни екскурзии и какви било други патувања. Прв пат отидов на класичен летен одмор кога имав дваесет и една година (кој на крајот траеше само 3 дена во Охрид), со авион за прв пат се возев на дваесет и осум години… А сепак, збирно гледано, до оваа година имам стекнато многу другари, пријатели и соработници од пет континенти и патувано на многу повеќе дестинации споредбено со најголем процент од мојата генерација. Значи, вредат отстапувањата на долг рок!

За сметка пак на ова, низ годиниве работев по три работи паралелно, а некогаш и испреплетено, што е видно од одговорот на претходното прашање. Еве неколку примери од кои ќе се долови суштината: наместо да гледам ТВ во студентските денови, со дел од колегите оратори реализиравме проекти pro bono, од свој џеб купувавме билети за автобус и ги обучувавме средношколците во Скопје и во други градови; наместо да одам на класични летни и зимски одмори (за кои немав пари), се пријавував на меѓународни натпревари, форуми, семинари за да можам истовремено и да разменам знаење и да уживам, кога почнав да волонтирам во адвокатура, за викенди подготвував магистерска, ги следев сите законски измени и обучував студенти, додека работев во банкарски сектор, во слободното време учев странски јазик, бев правен истражувач и дел од тим кој пишуваше и поднесуваше многу проекти, додека бев во граѓанскиот сектор, бев тој што оди на најмногу обуки, дел е од речиси сите неформални прослави, вклучен и во проектен менаџмент и во правни анализи, а и секогаш тука да го сподели мислењето на ТВ и на другите медиуми…

И секако, имаше време и за ефективен приватен живот (а не pro forma).

4. Што е тоа што ве движи напред? Каде е изворот на вашата мотивација, инспирација но и задоволство за она што го работите?

„Мојата сила за полетност била праведноста, како што е и денес.“ Оваа реченица извадена од мојата прва книга опишува прекрасно. А покрај праведноста, насмевката на лицата на другите која е таму благодарение на некој мој придонес, е мојот огромен извор на мотивација. Речиси и да нема читател, сопатник, кој што ја прочитал книгата, а прво да не се расплакал,  потоа се јавил за да сподели импресии и да се насмееме заедно од срце, да си дадеме уште поголема меѓусебна мотивација за сегашноста и иднината. Мене тоа и ми беше целта, да се исплачеме за да може да продолжиме со насмевка. Секој еден гест на задоволство што го гледам во очите на учесниците на моите обуки за меки вештини, е извор на уште поголема мотивација. А таа се мултиплицира со новите клиенти и сè повеќето соработници од странство. Светот го сака македонскиот мотивациски бренд „Продолжи со насмевка“, па зарем тоа не е огромен извор на долгорочна инспирација и мотивација?

5. Што е важно студентот како студент да понесе од факултетот, но што и како човек?

Важно е како студент од факултетот да го понесе знаењето, да се труди да го применува што повеќе во пракса, но како човек е важно да понесе што повеќе вештини и тие да му бидат основа за понатамошниот живот и професионален и приватен. Во секоја професија нè учат да бидеме најуспешни професионалци (еве на пример правници), но не заборавајте дека што и да работиме треба да останеме луѓе, и тоа не какви било, туку човечни, со онаа незагаденост во душата со која сме се родиле. Тоа е карактеристика по која се паметат многу личности и од македонската и од светската историја. Оваа каратктеристика ќе помогне за да разграничуваме што е тоа функција, а што авторитет и дека едното со другото не секогаш одат заедно. Знаењето, искуството и вештините, сите три во пакет применувани низ призма на човечност, се најголемиот авторитет на еден homo sapiens!

6. Кога знаеме дека е доволно, дека сме го постигнале нашиот лимит, доколку такво нешто и впрочем постои?

На сите мои обуки велам: „И да мислите дека можете и да мислите дека не можете, секако сте во право.“ Тоа важи за што и да било. Ние сме тие кои си ги поставуваме нашите лимити. А ќе знаеме дали тоа што сме го постигнале до тој лимит е доволно за нас кога ќе си го поставиме прашањето: „Дали сум искрено среќен?“, и ќе си одговориме со насмеано срце: „Даааа.“ Секој друг одговор значи дека сакаме уште да постигнуваме, а секако дека можеме. Истражувајте ги начините, пробувајте, обидувајте се и грешете и ќе го најдете најсоодветниот.

7. Вие сте и мотивациски говорник и тренер за самодоверба, комуникации и извонредност, но воедно и креатор на брендот “Продолжи со насмевка”. Да го запознаеме и тој дел од Вас!

Буквално секое делче од мене е претставено во овој автобиографски и мотивациски бренд „Продолжи со насмевка“. Оние што не го знаат сè уште им препорачувам да ги погледнат 24-те бесплатни епизоди од првата сезона (може на Facebook, а како една архива ги има и на You Tube). Тие се добар вовед за првата книга „На своја кожа продолжи со насмевка“ – ниво 1.0. Изминатава година ми стигнаа прекрасни слики од цел свет од читателите. А за љубителите на поезијата им ја препорачувам збирката поезија „Продолжи со насмевка (за) љубов создавајќи“ – ниво 1.5. Двете се издадени од издавачката куќа „Матица Македонска“. Инаку сега, на 13-ти април 2020 година, одбележувам точно две години откако за прв пат се пушти во јавност првото видео. Во меѓувреме среќен сум што беа објавени и 9 видеа на српски јазик, и едно на англиски јазик кое беше дел од финалето на Social Impact Award и споделено во 27 земји во светот. Но,  посебно место во срцето секогаш ќе има промоцијата што ја направив лани во Скопје за мојот роденден бидејќи беше најпосетена дотогаш во Матица Македонска, а и останатите 9 промоции на книгата што следеа потоа во многу градови низ Македонија и плус една во Берлин.

Мојот копнеж е да помогнам на амбициозни тимови и индивидуалци за да ги практикуваат максимално продуктивно меките вештини, и тоа секако преку зајакнување на самодовербата и поефективна комуникација,така што ќе ја достигнат својата извонредност. За успехот и влијанието на тој копнеж најрелеватно ќе биде да одговори некој од корисниците на моите услуги. Ние, заедно со моите колешки од социјалното претпријатие Клуб Ко-Креатори, секогаш ќе бидеме тука за да им дадеме посеопфатни пакети од различни перспективи.

8. И за крај, што Вие ќе му препорачате на еден млад човек што себе се гледа како иден правник?

Да се бори повеќе за примена на правичноста, најмногу практикувана преку одлуките на ЕСЧП и да го (при)менува правото во нејзината насока. За тоа може многу да му помогне активизмот во ЕЛСА. Да бида гласноговорник за своите и за човековите права на другите и тоа не само во рамки на професијата. За тоа може да му помогне многу активизмот во Клубот на оратори. Да биде желен за знаење (hard skills), но да ги развива и своите меки вештини (soft skills), тоа ќе му донесе многу предности во иднина на пазарот на трудот. Да чита многу и од следниот семестар уште повеќе. Да ја гледа големата слика за правниот систем и да се туди да го менува на подобро. Најважно е што и да работи, секогаш да има максимален интегритет! Оттаму започнува сè и таму завршува сè. Никогаш да не зависи и да не потпаѓа под влијание на партии, бизнисмени, навидум блиски луѓе и останати „големи ѕверки“. Правниците можат најчесто можат без нив, а овие другиве не можат без правници во многу животни околности. Во помладите години секогаш да тргнува со ставот „не знам, но сакам да научам“ за да може да учи од многумина колеги и да совлада различни работи, финти и техники, па дури и како не треба нешто да се прави. Таков пристап имаат личности со самодоверба, а оние другите се само премногу самобендисани. Да знае дека подеднакво се важни и теоријата и праксата и најголема умешност е да се комбинираат двете истовтремено. Кај нас реалноста е дека постои разлика меѓу праксата и теоријата, а таа најубаво ја отсликува максимата на Ханс Келзен: „Како е и како треба да биде“. Да настапува колегијално (преку Комори, професионални и други здруженија…) кога треба да се настапува за доброто на професијата, но и на заедницата, неповредувајќи ги правата на другите. Од друга страна да го заборави целосно „колегијалното штитење и прикривање“ кога се работи за индивидуална одговорност на колега. Да знае дека овие често користени флоскули (подолу) кои ќе ги слушне се всушност најмалку вистинити:

  • Правната професија е елита. – Тоа и им го зборуваат на многу факултети (и лекари, и информатичари, професори…). Вистината е дека единствена елита секогаш и секаде се комбинацијата на стручност (знаењето), искуството, вештините и човечноста. Професијата како таква нема врска со тоа, а уште помалку парите или кодексот на облекување и однесување што се пропагира како најважен, за жал.  
  • Правниците треба да бидат суетни. – Луѓе што имаат его и суета се оние кои носат во себе хибрид на незнаење и несигурност. Вистинските професионалци и луѓе се одлични ментори со кои ќе се почитувате цел живот. Тие критиката ја сфаќаат како начин за усовршување, а не како навреда. Вистинските ментори уживаат да ви го пренесуваат знаењето (не сметајќи го тоа како услуга која треба да им ја вратите што поскоро) бидејќи свесни се дека за секого од нас има место под ова небо, а на крајот останува меѓусебното почитување.
  • На правник не му се неопходни математика, логика и креативност. – Најдобрите правници токму сето ова го поседуваат. Но тоа е друга подлабока тема.
  • Во рамки на правната професија има посилни гранки, поприменливи, а некои се не толку важни. – Убаво е од почеток да тргнете со изучување и практикување повеќе гранки и во теорија и во пракса. Тие се меѓусебно испреплетени и зависни една од друга. А со тек на време да си ја пранајдете најубавата за вас лично.
  • Повисока функција значи поголемо знаење и искуство. – Познавам многу реални примери кои во оваа смисла се одраз на принципот на обратнопропорционалност.

Затоа, подобро е да ви го паметат името и презимето, отколку титулата. Името и презимето е важно бидејќи ја носи целата слика за вас како уникатно човечко суштество на овој свет, а титулата… таа е променлива и  може да биде само помошна – акцесорна ствар (во духот на граѓанското право), но никогаш главна како вие самите. Останете свои и продолжете со насмевка.

Leave a Reply