Цврсти темели за поблаг исход

Цврсти темели за поблаг исход

Автор: Милијана Богданоска, студент на Правен факултет ,,Јустинијан Први”

Кога зборувам за исход  мислам на здравствен биланс но и на економски и социјални последици после оваа напаст. Тоа по мене зависи од желбата, дисциплината, менталитетот, домашното воспитување, легислативата и пред се од нашето образование.

Желбата е неминовна, а дисциплината не ни е силна страна. Менталитетот е тесно поврзан со домашното воспитување што е во прилог на нашата недисциплинираност.

Имајќи ја предвид целосната состојба во Светот, а особено во нашата држава, прашањата околу работничките права, дискриминацијата на работното место и економијата се актуелни теми деновиве. Имено, постојано се зборува како голем дел од работниците се отпуштени од работа и како се подметнуваат спогодбени откази кои присилно се потпишуваат. На ова, владата строго се спротивставуваше, повикувајќи на спротивно однесување и им посочи на работниците да не го прават истото со цел минимизирање на последиците.Тука, се поставуваат безброј прашања за причините на ваквото однесување, стравот кој постои кај работниците а најмногу за иднината на нашата економија. Иако Законот за работни односи и Колективните договори ги содржат сите права кои треба да влеат сигурност кај работниците, тие очигледно дека и понатаму се запоставуваат или безвреднуваат. Но, тука не би ги обвинила само работниците и работодавачите, туку нашата веќе изградена психа за ,,владеењето на правото ”. И да, најмногу загрижува фактот што тие случувања се присутни и постојат во голема мера, а тоа пак алудира на непознавањето на работничките права и обврски на граѓаните, а воедно можеби немањето доверба во истото.

Ова не го зборувам од аспект само на правото и со цел да истакнам колку истото е едно од најважните елементи во општеството. Напротив, да го истакнам фактот дека треба да се стават цврсти темели односно дека треба или “требало” уште многу одамна да се работи на здрави почетоци. Ова го поврзувам и со образованието каде пандемијата и тука не “начека” сите нас да допрва учиме како се работи на online платформи кои всушност постојат со години како online помагала. Ова,  и тоа како ќе не врати наназад и  ќе ни отежне на патот кон минимизирање на исходот од оваа ситуација.

Покрај сите поуки кои се неизбежни после една ваква пандемија се наметнува можност да научиме  колку се важни основите за поблаг исход.

За крај, најголемата иронија е тоа што ние сепак според Уставот на Република Северна Македонија сме хумано општество.

Leave a Reply