,,Развојот на технологијата ја донесе дигиталната ера и наместо да поставуваме граници и лимити, требa да поставуваме цели и предизвици” – разговор со Зорица Велковска

,,Развојот на технологијата ја донесе дигиталната ера и наместо да поставуваме граници и лимити, требa да поставуваме цели и предизвици” – разговор со Зорица Велковска

Живееме во времето на дигиталната ера, каде огромен број на информации не делат со само неколку клика на нашиот мобилен телефон. Дигитализацијата донесе многу позитивни и корисни промени во начинот на кој живееме. Периодов со ситуацијата поврзана со КОВИД – 19, не насочи кон еден нов начин на извршување на нашите работни задачи и активности, што дополнително се појави потребата голем дел од услугите од институциите да ги добиваме по дигитален пат. Но сепак, голем дел од институциите овие настани ги фатија неподготвени, така и голем дел од Факултетите во нашата држава се уште не можат да најдат унифициран и ефикасен начин на кој ќе изведуваат онлајн предавања и онлајн испити, воедно најголем дел на учебниците за студентите не се достапни онлајн. Колку е потребна дигитализација во јавните институции и кои се бенефитите од истата? На оваа тема ќе зборуваме со Зорица Велковска.

Ајде да дознаеме која е Зорица Велковска?

Зорица е дипломиран правник на факултетот Јустинијан Први, поранешен член на ЕЛСА каде ги помина сите студентски денови и од каде чува незаборавни моменти, непроценето искуство и пријателства кои до денес ги чува. Оптимист, перфекционист (не секогаш добра карактеристика некој ќе рече), трагач по новитети и промени кои ќе нè направат подобри, поуспешни и посреќни.

Вие сте правник по професија, но сега работите на сосема друго поле во Вашата организација БЛИНК – 42-21, кој е доменот на работа на Вашата организација? Кој  е изворот на Вашата мотивација, инспирација но и задоволство за она што го работите?

Правото е исклучително широка наука, па така и љубителите на правните науки и правниците треба да имаат широки погледи каде сè можат да придонесат со своето знаење. На факултетите во светот веќе подолго време се развиваат многу студиски програми кои опфаќаат две или три науки или области, студентите учат право и маркетинг, право и бизнис, право и инженерство, право и технологија итн. што е доказ за потребата и примената на правната наука во многу сектори во општеството.  Јас сум многу среќна што во изминатите 12 години имав можност да работам и да го применувам и надградувам знањето во различни сектори, од адвокатурата, јавната администрација, бизнис и невладиниот сектор. И мора да признам дека секаде имав прилика да работам со исклучителни луѓе кои не само што го применуваат правото туку и имаат широки погледи за тоа каде еден правник е потребен, колку треба секојдневно и од секаде да го надградува своето знаење и интереси и со какви се нови вештини треба да се здобива. Никогаш не сум имала желба да се насочам во адвокатурата или судството, но тоа не значи дека сум се одалечила од правничката професија. Напротив нескромно ќе речам дека сум многу добар правник (хаха). Во сите мои досегашни работни искуства секојдневно го користев и надградував правото и така и ќе продолжам.

Денес работам во Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21, чиј и основач сум од 2011 година. Одлуката од пред две години да се посветам на работата на организаицјата беше храбра, но денес сум повеќе од среќна и мотивирана дека ја направив во право време. Ние во БЛИНК 42-21 развиваме нови идеи за да одговориме на општествените предизвици! Организацијата е насочена кон идентификување на социјални проблеми, развивање на социјално иновативни проекти и нивно поврзување со индивидуи и групи. Блинк 42-21 е платформа која ги поврзува луѓето посветени на идејата дека социјалните иновации би можеле да доведат до економски, образовни, општествени и културни трансформации за доброто на општеството. Развиваме нови идеи, алатки, програми и модели за зајакнување на граѓаните и институциите, промовираме граѓанско учество, работиме на подобрување на јавни политики и услуги, развиваме иновации во образованието и културата со користење на технологијата. Токму тоа е и мојата лична мотивација, јас се уште верувам дека нашето општество има капацитети и можности за равој и напредок, подобрување на животниот стандард и создавање на силно, активно граѓанско општество и свесни и одговорни граѓани. Развојот на технологијата ја донесе дигиталната ера и наместо да поставуваме граници и лимити, треба да поставуваме цели и предизвици. Ние и идните генерации треба да бидеме носители и одговорни чинители во развојот на сите општествени процеси и да имаме визија и стратегија како да ја користиме технологијта за добро, за напредок, за иновација и за подобар живот во заедницата.

Вие заедно со Вашата организација реализиравте многу успешни проекти, а еден од нив е апликација ,,мЗаедница, кажете ни за каква апликација станува збор и што ја прави оваа апликација толку успешна?

БЛИНК 42-21 има млад тим, луѓе со различни образовни и професионални капацитети, но и соработници и партнери со кои проектите кои ги работиме ја остваруваат својата цел и влијаат на општеството.  Ја изработивме дигиталната платформа „мЗаедница“, која усшено се користи секојдневно од општина Карпош и жителите, а ја доби и престижната Европска награда за млади 2019 (European Youth Award 2019) во категоријата „активно граѓанство” – дигитално решение со влијание врз општеството“. За нашите проекти може да сумираме дека се насочени кон вклучување и ангажирање на различни граѓани во различните процеси со помош на технологијата. Токму тоа ја прави и „мЗаедница“ успешна или пред се поразлична од други алатки. Бидејќи го редефинира концептот на граѓанско учество со воведување нови и иновативни начини преку кои граѓаните можат да влијаат во локалната заедница. Мобилна апликација која им овозможува на граѓаните користејќи го on-line принципот “во секое време, на секое место“ да го зголемат своето учество во акциите и процесот на донесување одлуки на локално ниво. Од друга страна е и’ алатка која ја олеснува и подобрува работата на самата општина. Апликацијата нуди можност општината да ги следи интересите на граѓаните, да утврдува трендови, кризни жаришта и на тој начин да ги дефинира своите приоритети. Апликацијата на општината и нуди и статистички преглед за ажурноста на секој од секторите и одделенијата и на тој начин е и алатка која може да ја користи во менаџирањето на своите човечки ресурси и ефикасноста во работата. Со користењето на информатичко-комуникациските технологии граѓаните можат да го искажат својот став и да го документираат со праќање на фотографија, точна локација до соодветните органи на општината во било кое време и од било кое место, додека одат на работа, шетаат или пазарат. Ова го скратува и времето за одговор на самата локална администрација. Секој вработен во општината преку пристап до веб панелот на апликацијата добива ГПС локација, краток опис на предлогот или проблемот кој го пријавил граѓанинот и може веднаш да постапува.  Дополнителна вредност на „мЗаедница“ е можноста граѓаните да бидат иницијатори на промени и акции за подобрување на заедницата.

Од другите проекти би ги издвоила дигиталната видео кампања #ЗдравоЗаГотово која на иновативен и забавен начин ги информира, едуцира и соочува граѓаните со теми кои ги претставуваат предизвиците на нашето општество. Кампањата оваа сезона беше на тема антикорупција и имаше за цел да ги зголеми информациите и да се намали прагот на толеранција на граѓаните кон секаков вид корупција и општо кршење на владеењето на правото. Кампањата се обраќаше на граѓаните, посебно на младите, и нашата лична подложност на корупција, без разлика на намерата, корупцијата како култура и традиција вкоренета во системот. Во овој проект соработуваме и со ЕЛСА со цел да ги вклучиме проактивно и студентите. Во моментов работиме на развој на „Игра за промени – дигитална игра– едукативна алатка за зајакнување на отпорноста на заедниците“ која ја користи гемификацијата во образованието како иновативна алатка за едукација во современата средина за учење. Играта ќе се користи како алатка за едукација и обука за наставниците, ученици и младински работници за препознавање и превенција на социјален и економски проблем, а тоа е радикализација на младите, што резултира во екстремизам, насилство и тероризам. Работиме на развој на апликација за виртуелна реалност со која ќе им овозможиме на посетителите на археолошкиот локалитет Стоби да „учествуваат“ виртуелно на еден гладијаторски пеформанс во театартот на Стоби. Го имплементираме проектот #EuropeanFilmChallenge за Македонија кој е гемифицирана дигитална платформа на која љубителите на филмови се предизвикани да гледаат 10 европски филмови во текот на 10 недели, со можност да освојат екслузивен билет до Топ А филмски фестивали како што се Берлинскиот Филмски Фестивал, Кански филмски фестивал и Венецискиот филмски фестивал.

Дали сметате дека со зголемување на бројот на вакви апликации ќе се олесни пристапот на граѓаните до јавните услуги. Колку е значајна дигитализаицијата на услугите?

Дигитализацијата на институциите подразбира развој на дигитални алатки кои на граѓаните ќе им овозможат унапредување на интеракцијата со јавните институци и подобар и полесен пристaп до јавните услуги врз основа на онлајн принципот во секое време на секое место, со што се надминуваат потребите за физичко присуство на граѓаните во институциите. Користењето на технологијата во дигитализацијата на услугите денес е императив во јавниот сектор кој пред сé отвара нови модели на соработка и можности за јавно-приватна соработка за надминување на многу предизвици. Приватниот сектор треба да соработува и да биде лидер во развојот на дигитални услуги што го олеснуваат и подобруваат живот на граѓаните. Воедно дигиталните услуги отвараат цел нов спектар на инфомации и податоци кои можат да им помогнат на институциите да бидат поефикасни, да ги сознаат реалните потреби на граѓаните и да прават приоритети и стратегиски планови, да го подобрат развојот на бизнис секторот, па дури и да комерцијализираат некои услуги кои ќе носат дополнителен приход.

За да изградиме јавен сектор кој е погоден за иднината, мора да се реинвестира. Дигиталната трансформација не се однесува само на употреба на новите технологии и алатки, туку на комплетна реконструкција на организациските структури, на начинот на управување на институциите, редизајн на работните процеси, континуирана едукација, подобрена професионална етика и секако подигнато ниво на култура и начин на размислување. Ова секако значи дека носителите на јавни фукции, оние кои управуваат со институциите и се избрани да бидат лидери на промените мора да имаат и лична поширока визија и цел за промената што треба да ја направат и најважно истата да ја дизајнираат стратегиски со јасни акции кои на краток и долг рок ќе имаат резултат. Само така и носителите на функции и самите граѓани ќе ги видат и почувствуваат пошироките придобивки што дигиталната трансформација може да ја направи за општеството. Дигитализацијата е процес кој не запира, и на сите треба да ни е јасно дека секое решение не може да опстане само по себе, туку мора да се следи, користи интензивно и подобрува. Дигиталните услуги го скратуваат само времето на реализација и достапноста, но не и потребата на човечки капитал кои ги креира, дава и оддржува тие услуги. Треба да работиме паралелно и на развојот на човечкиот капитал, да имаме информирани и едуцирани граѓани кои ќе имаат визија и желба да го подобруваат општеството. Граѓаните за да ги користат своите права, односно да користат дигитални услуги треба да бидат информирани и да ја добијат соодветна поддршка. Ова е исто долг процес колку и самата дигитализација, не можеме да очекуваме дека сите одеднаш ќе бидат подготвени да ја користат услугата која сме ја дигитализирале. Треба да бидеме трпеливи и да имаме волја да си помогнеме и заеднички да се подобриме на долг рок.

Според Ваши сознанија, колку од Факултетите во нашата држава, користат современи дигитални платформи?Дали сметате дека можеби постоење на напредна апликација на факултетите наменета за студентите, професорите и административниот кадар би ја олеснило работата на факултетот и би овозможила нивна полесна комуникација? Дали би можеле да ни споделите некое компаритивно искуство од некоја друга држава?

Да бидам искрена немам детални сознанија колку од нашите факултети ја започнале дигитализацијата и какви сé алатки користат за да комуницираат, вклучат, ангажираат и следат студентите, а воедно и да ја организираат интитуцијата, наставата и да го следат напредокот. Но, можам да споделам искуство од САД каде минатата есен бев на програма за размена на Емерсон Колеџ во Бостон. Во САД дигиталните алатки, генерално користењето на технологијата, се исклучително актуелна тема и сите актери во општеството се насочени кон развој и употреба на истите во секојдневието. Она што посебно се забележува е дека општеството се подготвува за промените и предизвиците кои ги носи технологијата, па така видлив е стратегиски пристап во секој процес, посебно во образовниот. И лично сметам дека кај нас токму тоа недостасува, стратегиски пристап, имено имам чувство дека, не само во образовниот процес, секогаш размислуваме прво што да направиме, наместо зошто. Осносно велиме ајде да направиме платформа за факултетот, пред да одлучиме што таа платформа треба да ни даде и што се можеме да направиме со информациите и податоците. Емерсон Колеџот е комплетно дигитализиран и тоа во пет насоки: кон студентите (примателите на услуги), кон услугите, кон професорите (давателите на услуги), кон администрацијата (креаторите на услуги) и кон институцијата (сопственик на услугите). И тоа е така бидејќи утврдиле дека секоја од тие насоки дава и собира податоци кои им помагаат на сите да го следат процесот, да го подобруваат и да инвестираат стратегиски во него. Платформата (која е и веб и мобилна аплиакција) има од наједноставни алатки, регистрирање на корисник, дигитална програма (предмети, распореди, локации, професори), дигитални материјали (дигитална библиотека), дигитален индекс, до посложени како видео настава и тестирање, лајф разговор на студенти и проефесори, дигитални алатки за евалуација на професорите и програмите и сл. Она што ги прави успешни е што се унифицирани и се врзани само за еден кориснички број- тоа е бројот на индекс, односно на програма. Сите услуги собираат податоци кои администрацијата ги обработува и следи. Институциите мора да ги зајакнат капацитетите на вработените да знаат да ги користат собраните податоци и истите да ги насочат кон промена, подобрување и развој. Не знам дали кај нас функционираат вакви алатки, но дефинитивно е предизвик кој би го прифатиле!

За крај, Што би им препорачале на нашите колеги студенти по право?

Кога си заминував од факултетот, а воедно и од извршниот одбор на ЕЛСА во една прилика напишав до студентите (во тогашниот Synergy Magazine 44 by ELSA International):

“After all, it’s not all about being a (board) member of a student organization. It’s about being a fighter, optimist, supporter, team player, team leader, party maker, friend…We are all law students and leaders of our generation, because we trust, we hope, we believe in success and changes!”

Поминаа повеќе од 10 години сигурно, но пораката не би ја променила! Само би додала, немој да поставувате лимити, поставувајте предизвици и верувајте дека правникот во вас е неопходен да ги прифати, бидејќи нема промени во општеството кои се случиле без правни импликации!

Leave a Reply