Еднаквоста на жената во општеството – сведена на популаризирана фарса или реалност?

Еднаквоста на жената во општеството – сведена на популаризирана фарса или реалност?

Автор: Ивана Аспорова – студент на додипломски студии на Правен факултет “Јустинијан Први” – Скопје

Значајноста на жената во општеството, се повеќе и повеќе се зголемува, гледано во поширок контекст на нештата кои сите не засегаат, а посебно на еднаквоста кон која се стремиме.

Еднаквост. Нешто што е загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија и многу меѓународни правни акти кои ја прохибитираат дискриминацијата на жените по многу основи. Улогата на жената не треба да се гледа само низ призмата на мајчинството. Во овој бескурпулозен свет, таа е темел на сите општествени случувања и мост на многу општествени раздори.

 Но, што е она што сѐ уште го остава ова прашање на маргините и не прави робови на стереотипните  и дискриминаторски размислувања? Зошто овој суштински проблем е сведен на негова популаризација единствено на 8ми Март и други поединечни денови, кога само теоретски еднаквоста на жената е вредносен идеал, но не и реалност?

Сведоци сме на огромната прашина која се крева позади 8ми Март или Меѓународниот ден на жената. За светскиот празник на жената што ја бележи нејзината борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Токму така, рамноправност и еднаквост, но повторно во својот ембрионален вид. Само како начелен концепт, на она како навистина треба да е, а не е!

За пример, го земав 8ми Март, да ја доловам суштински мојата поента, затоа што сметам дека е симбол на еднаквоста која се пропагира, а е неостварена. Она што вистински бележи овој ден е дефокусот од вистинската проблематика поврзана со правата на жените, кој е пренесен и се сведува единствено на купување подароци. И јас сум за соодветно одбележување на овој ден, без одење во екстремности, но со почит, и доволна самосвест и општествена свест за она што навистина се слави на овој ден, од каде и потекнува моето главно прашање.

Дали станува збор за еден обичен ден кој низ годините, се претвори во една популаризана фарса која ја слави еднаквоста на жените со мажите, и притоа се занемаруваат сите проблеми со кои се соочува модерната жена во секојдневието. Или соодветните институции во државата заедно со општеството во целина, треба да работат на подобрување на менталниот склоп на населението, за навистина да живееме во едно рамноправно општество за сите, што всушност е и дел од темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија.

Кој е реалниот приказ во нашето општество? Што после 8ми Март е вистинското прашање?

Во време кога постојано се зборува за рамноправност и величење на улогата на жената, огромната популаризација на овој концепт, сепак сведочиме и на сѐ уште не доволната еманципација и големото ниво на дискриминација на жената, во било кој поглед.

Многу еминентни истражувања и анкети покажуваат дека во Северна Македонија, постои висок степен на родово базирана дискриминација на работно место која се согледува во нееднакви плати, сексуално вознемирување и слично. Истата е поттикната од сексизам и други родови стереотипи, меѓу другото бременоста, иако сосема неоправдано, е ризичен кариерен фактор. Запрепастувачки се и многу неодамнешни истражувања поврзани со пандемијата која недвосмислено го промени текот на нашите животи. Имено, евидентно поголем е процентот на отпуштања од работа на женскиот пол. Во време кога сведочиме на финансиска криза од огромни размери, жените се повторно на тапет.

Имајќи ги во предвид овие неколку начелни ставови и факти, кои се поткрепени со голем број на докази, се согледува огромната контрадикторност и иронија на општеството во кое живееме. Не е на повидок намалување на “радикализацијата” и популаризацијата на концептот за еднаквост на жената, како таков, кој само ја актуелизира ситуацијата, но не предлага конкретно решение. Последно, не помалку битно, впрочем и најбитно, ваквите индикатори и докази за нееднаквиот статус постојат за да не потсетат на тоа уште колку чекори не делат од преточување на идеалите за еднакви права на жената во реална слика. Бидејќи после се, ако се стремиме кон добро организирано општество, треба да знаеме дека тоа е во тесна ако не и во директна корелација со улогата на жената во него.

Leave a Reply