Uncategorized

Конференција: Евтаназија- милосрдие или убиство?

Денес, сабота, 10.11.2018 година, ЕЛСА РМ ја организираше конференцијата “  Евтаназија – милосрдие или убиство?”, со кое официјално ја започна новата академска 2018/19 година, во поглед на организирањето семинари и конференции.

Гости говорници на конференцијата беа проф. д-р Александра Деаноска од Правниот факултет “Јустинијан Први” и д-р Владимир Чадиковски, од Медицинскиот факултет и Клиниката за детска кардиохирургија.

Идејата на настанот беше да ја актуализира првенствено евтаназијата, како област во која мултидисциплинарно се среќаваат правната и медицинската наука и да се обиде да развие полемика околу дилемата дали чинот на евтаназија претставува кривично дело – убиство од благодорни побуди или пак, се работи за милосрдна постапка за безболна смрт и прекинување на неизлечлива болест.

 

Се отворија дилеми и околу другите сродни концепти кои ги врзуваат медицината и правото, како што се трансплантацијата на органи и прекинувањето на бременоста од една страна, но и евгениката и нејзината специфичност како концепт од друга страна. Покрај етичките дилеми, беше презентиран моменталниот казненоправен третман на споменатите феномени, но се говореше и за недоследностите во практиката и можноста за идни поефикасно нормативно решавање на бројните животни ситуации на човекот од овие полиња.

Сегашната состојба е дека евтаназијата е недозволена во Република Македонија и дека дури и при дијагнозите кои се некомпатибилни со животот, терапијата се дава до моментот додека не згасне организмот. Кај пациентите со неизлечлива болест, се прават максимални напори да се ублажи нивната болка, но единствено преку правно дозволените начини. Ситуацијата и на европско тло е слична, па и во разговорите кои се водат околу правото на живот како дел од Европската конвенција за човекови права, во контекст на евтаназијата, преовладува негативниот став за истата.

Посетители на конференцијата беа студенти правници и медицинари, но и дел од пошироката, општа јавност кои со својот буден интерес придонесоа до плодна дискусија и со поставувањето прашања и давањето коментари успеаја да ја заокружат отворената дебата.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *