Uncategorized

ELSA Day: Да разговараме за правото на образование

Ги завршивме активностите поврзани со ELSA Day!

ELSA Day е настан којшто секоја година се одбележува во секоја ЕЛСА група низ Европа. Идејата е преку организирање на унифицирани настани да се покрене свеста за конкретно прашање во секоја од овие држави.Годинава се посветуваме на правото на образование како човеково право.

Правото на образование има огромно влијание врз равојот на индивидуата, како и врз понатамошниот тек на животот. Ова право честопати е во корелација со останатите човекови права, а е тесно поврзано и со можноста за нивно уживање од страна на поединецот.

По успешно одржаната трибина, беше предвидено одржувањето на предавање во ООУ „Рајко Жинзифов“. Предавањето беше одржано на 29.11.2018, од страна на Фани Димоска, Сара Поповска и Иван Дургутов, а наши слушатели беа најдобрите ученици меѓу основците од ова училиште.

Правото на образование е од особена важност за младите генерации кои се во образовниот процес и токму тие треба да бидат запознаени со правата кои им припаѓаат. Водени од оваа идеја, одлучивме да одржиме предавање со кое ќе ги едуцираме повеќе на оваа тема и ќе ги запознаеме со целта на правото на образование.

Часот ни помина во одлична работна атмосфера, со многу интеракција помеѓу нашите предавачи и младите слушатели. Преку предавањето ги запознавме со основите на правото на образование и неговите клучни елементи.

Поразговаравме за дискриминацијата во училишните клупи, при што учениците споделија реални примери од своето опкружување, но и заеднички дојдовме до предлог-решенија за елиминација на дискриминацијата. Разгледавме и практични примери, во кои нашите слушатели пронајдоа повреди на правото на образование, а го дадоа и своето видување како би се отстранила повредата во секој од овие случаи.

Преку предавањето за правото на образование, ја подигнавме свеста меѓу учениците за правата и обврските кои тие ги имаат и им укажавме на значењето на ова право. Се надеваме и дека ги охрабривме нашите слушатели одлучно да се изборат со неправдите и повредите на правата со кои ќе се соочат во текот на образованието, со што би придонеле за поквалитетно образование за себе но и за генерациите кои доаѓаат.

За крај, би сакале да им се заблагодариме на вработените во училиштето кои ја поддржаа нашата идеја и ни дозволија да го одржиме предавањето, како и на учениците кои активно учествуваа и со тоа придонесоа за успешноста на предавањето.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *