Uncategorized

ELSA Day Трибина „Човекови права: Право на образование“

Ги започнавме активностите за ELSA Day!

ELSA Day е настан којшто секоја година се одбележува во секоја ЕЛСА група низ Европа. Идејата е преку организирање на унифицирани настани да се покрене свеста за конкретно прашање во секоја од овие држави.Годинава се посветуваме на правото на образование како човеково право.

Како дел од активностите организиравме трибина на која се дискутираше за правото на образование, а како говорници ни гостуваа Светлана Црвенковска и Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници. Преку нивното излагање имавме прилика да дознаеме повеќе за правото на образование на национално и меѓународно ниво, но и да дискутираме за различни проблеми при неговата имплементација.

Што подразбира правото на образование?

Правото на образование е човеково право гарантирано за сите, без дискриминација. Тоа е гарантирано со бројни меѓународни документи па оттаму државите имаат обврска да го заштитат, почитуваат и правилно да го имплементираат ова право.

Ова право е од неизмерна важност за човековата личност, поради што и се вбројува меѓу останатите човекови права. Преку неговата примена се овозможува лично зајакнување на индивидуата, придонесува за нејзиниот развој и конечно ја овозможува примената на останатите човекови права, кои не би биле можни без правото на образование.


Правото на образование опфаќа право на бесплатно и задолжително образование, право на образование за оние кои немаат добиено или завршено основно образование, право на достапно и пристапно образование, право на квалитетно образование, како и академска слобода на наставниците и учениците.

За да се овозможи правилна примена на секој аспект на ова човеково право, на државата и се припишуваат следните обврски:
– Почитување: да се воздржи од попречување на остварување на правото на образование;
– Заштита: да превенира други да го попречат остварувањето на правото на образование вообичаено преку регулатива и правни гаранции;
– Имплементација: преземање на соодветни мерки за целосно остварување на правото на образование.

Преку трибината ја согледавме важноста на правото на образование и бездруго станавме свесни за голем број повреди на ова право. Несомнено учесниците си заминаа со пошироки хоризонти за општествените проблеми врзани со образованието, а ние успеавме да разбудиме интерес во новите генерации на борци за човекови права.

Education is the passport to the future, for tomorrow belongs to those who prepare for it today.
-Malcom X

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *