УСАИД

Проектот на УСАИД за јакнење на судството е главно фокусиран на поддршка на развојот на професионалните здруженија во правосудниот сектор, развивање на системи и практики за ефективно управување со судовите, како и подобрување на ефикасноста и квалитетот на правдата.
Проектот за јакнење на судството е голем поддржувач на развојот и на активностите на ЕЛСА. Во периодот 2012/2013 година, членовите на ЕЛСА имаа можност да присуствуваат на низа тренинзи организирани од страна на Проектот, за јакнење на капацитетите на здружението и поуспешно и поефективно остварување на работните задачи. Беа реализирани тренинзи од областа на финансискиот менаџмент, креирање на стратегија за привлекување на ново членство, како и анимирање на постоечкото членство; менаџмент и лидерство; организација на настан, подготвување на ЕУ проекти и слично.
Исто така, во соработка со Проектот досега се издадени две брошури наменети за средношколци, првата на тема ,,Организација на судскиот систем во Република Македонија’’ и втората под наслов ,,Превенција наместо казнување – систем на малолетничката правда’’. Брошурите беа промовирани низ повеќе судови во државата – Тетово, Штип, Скопје, Велес, Кавадарци – а на промоциите присуствуваа голем број на средношколци кои заедно со судиите и со претставниците на ЕЛСА, по завршувањето на промоцијата имаа и обиколка на судските простории и се запознаа со работата на судовите. 
Неодамна излезе од печат и третата брошура на тема ,,Ти имаш право да знаеш – Вовед во концептот на слободен пристап до информации од јавен карактер’’.
Во април 2013 година, Претседателот на ЕЛСА беше дел од студиската посета организирана од страна на Проектот на УСАИД за јакнење на судството во Естонија и во Шведска. Покрај ЕЛСА, на студиската посета учество зедоа и претставници од Македонското здружение на млади правници, Здружението на правници на Македонија, Здружение на судска администрација, како и од Коалицијата ,, Сите за правично судење’’. Целта на студиската посета беше групата подетално да се запознае првенствено со тоа како граѓанскиот сектор активно учествува во процесот на креирање на политики, како врши мониторирање на работата на судството и како ја поттикнува нивната транспарентност и отчетност. Во рамки на посетата беа посетени Врховниот суд на Естонија, Адвокатската комора на Естонија, Транспарентност Естонија, Отворено општество, Институт за човекови права, НЕНО – Чадор организација на непрофитни организации, Адвокатска Комора на Шведска, Окружниот суд во Стокхолм, невладината Center for Justice, Правниот факултет во Стокхолм и други. По завршувањето на посетата учесниците креираа Акциски план, секој за својата организација, кој во текот на наредната година беше имплементиран.
Како резултат на Акцискиот план на ЕЛСА, беа организирани следења на судски рочишта за 40 членови на ЕЛСА во Основните судови Скопје 1 и 2, беше спроведен тренинг на тема ,,Мониторирање на судски постапки’’ во соработка со Коалицијата ,,Сите за правично судење’’, беше организирана студиска посета кај Народниот правобранител на Р. Македонија, а исто така со поддршка на Проектот на УСАИД беа испечатени и голем број на промотивни материјали – флаери и брошури- за работата и активностите на ЕЛСА.