Uncategorized

Конференција: „Остварување и заштита на правата на работникот’’

На ден 16.03.2019 во просториите на Правен факултет ,,Јустинијан Први “ ЕЛСА РМ организираше конференција на тема: ,,Остварување и заштита на правата на работникот’’, која што претставува прв настан за 2019 година.

Гости говорници на оваа конференција беа: Маја Атанасова- правник во ,,Македонското здружение на млади правници”, адвокат Маја Ристова и Душко Миновски поранешен Претседател на Комисијата за заштита од дискриминација.

Идејата на настанот беше студентите по право, но и останатите присутни на настанот, подобро да се запознаат со трудовото законодавство, да ги препознаат повредите и да знаат како и на кој начин да си ги заштитат своите права како идни вработени.

На почетокот на настанот се говореше за правата на работникот согласно со позитивната законска регулатива во нашата држава, како и за степенот во кој тие се почитуваат во праксата на работните односи во државата. Потоа беа опфатени теми поврзани со работните односи и тоа: дискриминација при вработување и вознемирување на работно место односно мобинг.

На крајот, како заклучок од конференцијата се потенцираше дека сегашната состојба во работните односи во државата е се уште на незадоволително ниво, работниците често не се решаваат да пријават вознемирување на работно место и да одат до крај за остварување на своите права од работниот однос поради страв од отказ или други причини, директната дискриминацијата при вработување за жал е се уште присутна и сме сведоци на истата, но и во тој поглед не се преземаат потребните чекори за заштита и нејзино спречување. Иако е постигнат одреден прогрес во ова поле, неспорно е дека е потребно и понатаму да се работи на подигање на свеста кај јавноста, како и да се води посериозна борба во заштитата на правата гарантирани со позитивното законодавство и меѓународните акти.

Присутни на конференцијата беа студенти по право како и студенти од други факултети и присутни од општата јавност кои што покажаа интерес за темата на настанот што впрочем резултираше со многу поставени прашања и плодна дискусија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *